Орална хирургија и
имплантологија
Во нашата ординација е можно надоместување на изгубените заби без стружење на соседните заби. Тоа се постигнува со поставување на забни импланти, кои може да заменат поедини заби или пак да бидат вклучени во планот за изработка на други пообемни протетски изработки. За разлика од класичната хирургија, орална хирургија не бара престој во болница. Всушност, многу процедури кои се изведуваат во нашата стоматолошка ординација, вклучувајќи ги екстракциите на заби, екстракцијата на умникот и френулектомијата се сметаат за интервенции од областа на орална хирургија, и тие вклучуваат апликација на локален анестетик и одредени медикаменти за контрола на болка.
Дентални
Импланти
Забен имплант е вид на штраф што се вметнува во коската на вилицата и служи како замена за забот што недостасува (неговиот коренски дел). Денталните импланти обично се направени од титаниум, метал кој е биокомпатибилен и не предизвикува алергии.
Поставувањето на импланти може да биде:
• Стандардна имплантација -забниот имплант се поставен на местото на забот што недостасува
• имедијатна имплантација- имплантот се поставува веднаш (или до 7 дена) по вадењето на забот,и со тоа се спречува ресорпцијата на костака.
Хируршката процедура за поставување на забен имплант трае краткои е целосно безбедна и безболна. По поставувањето на забни импланти, периодот на чекање за осеоинтеграција (фузија на коските) е помеѓу 3 и 6 месеци. Имплантите се најдобро решение во отсуство на еден, повеќе или сите заби во една или двете вилици
Екстракција
на заби
Иако трајните заби се дентиција која од самото појавување треба да перзистира во устата во текот на целиот живот, кај повеќето од нас се појавува потреба за екстракција на одредени заби поради низа причини. Дел од тие фактори кои условуваат екстракција се: траума, кариозни процеси кои ги деструирале забните ткива или инфекција, или пак при тескоба (недостаток на простор во устата за сите заби). Без оглед на тоа зошто треба еден заб да биде екстрахиран, оваа интервенција не дава причина за страв и загриженост. Веднаш по самото вадење на забот, во нашата ординација ќе добиете низа предлози за естетско и функционално надоместување на изгубениот заб.
Френулектомија
Френулектомија е едноставно отстранување на френулумите во устата. Френулумот претставува мускулно прикачување помеѓу две ткива. Постојат два френулума во устата, кои понекогаш може да ја попречуваат нормалната функција и кај нив се препорачува оваа интервенција. Овие френулуми се нарекуваат: јазичен френулум, кој го поврзува јазик со подот на усната празнина и максиларниот лабијален френулум, кој ги поврзува внатрешноста на горната усна со непцето веднаш над горните централни инцизиви.
Во горната вилица може да биде причина за дијастема (простор) помеѓу горните централни инцизиви заради висок припој. Во долната вилица пак, задебелениот френулум предизвикува потешкотии при подигање на јазикот, а во некои ситуации и предизвикува потешкотии при говорењето. Отстранувањето на френулумот претставува рутински зафат на сечење на френулумот кој се изведува безболно, со локална анестезија, без притоа да се остави било каков белег после заздравување.
Апикотомија
Апикотомија претставува хируршка интервенција во која треба да се отстрани воспалителен процес од коската заедно со врвот од коренот на расипаниот заб што го предизвикал процесот. Хируршки третман вклучува мали засеци во мекото ткиво и отворање на мал прозорец преку коската за да се пристапи до коренот на забот и притоа се отстранува инфекцијата околу врвот на коренот на забот, како и врвот (само неколку милиметри). За да се заврши апикотомијата врвот на забот се полни и запечатува со посебен цемент со цел да се спречи повторување на инфекцијата. На крај раната се шие и конците се вадат после една недела. Времето потребно за завршување на третманот зависи од инфекцијата и бројот на корени што треба да бидат третирани.Се препорачува по една година да се направи контолна снимка и клинички преглед со цел да се контролира формирањето на коските и пополнување на преостанатите празнини.
Синус
лифт
Синус лифтинг е хируршка интервенција која при која се подигнува дното на максиларниот синус и се додава коска во горната вилица во регија на катниците и преткатниците. Синус лифтот вклучува пристап до синусната празнина, подигнување на нејзината мукозна мембрана и вметнување на вештачка коска во меѓупросторот. Синус лифт се прави кога нема доволно висина на коските во горната вилица, или синусите се премногу близу до виличниот грбен, за да може да се добие поголема коскена база за да се постават импланти.
Проценката за потребата за синус лифт се врши врз 3D слики. Самата постапка е безболна и се изведува под локална анестезија.