Детска стоматологија

Грижа за млечни заби

Прва посета на стоматолог

 

Првата посета на стоматолог има големо значење и препорачливо е да се направи во период до шест месеци од никнувањето на првиот заб во устата, најкасно до навршување на првата година.  Целта на оваа рана посета е детето да се запознае со стоматологот пред да има било каков проблем со забите.  Понатака, редовни контроли на 6 месеци ќе придонесат да се детектира било каков проблем со забите пред да дојде до појава на болка.

Во одредени случаи е потребно да се направи рентген снимка на одреден заб. Со помош на рентген снимките се гледа присуство на кариес помеѓу забите, како и правецот на раст на трајните заби, односно дали зачетокот на забот е на своето место во вилицата. Во раната детска возраст се препорачува и употреба на флуориди, системски и локално, а потребата од нив и начинот на флуоризација ќе ја утврдиме по направениот преглед.

Откако ќе пораснат првите трајни заби, односно првите трајни молари, се препорачува залевање на фисурите на забот како превентивна мерка за понатаму да не дојде до кариес на забот. Залевачите се нанесуваат на џвакалната површина на забот, со што се спречува навлегување на бактерии и наслаги во фисурите на забот.

При прегледот доколку се констатира неправилна позиција на трајните заби, се сугерира детето да носи фиксен или мобилен ортодонтски апарат. 

Зашто да се пломбира млечниот заб, кога секако ќе се менува?

  • Некои од млечните заби ќе останат во устата на вашето дете до 12 година од животот. Скршени и расипани заби може да предизвикаат болка, како и да влијаат на самодовербата на детето.
  • За да се пломбира еден заб, најпрво се чисти забниот кариес, па се става пломба на забот. Со навремено пломбирање на забите, се спречува понатамошно ширење на кариесот подлабоко во забот и појава на болка.
  • Најважна причина за млечниот заб да остане во устата е за да го чува просторот на трајниот заб, додека тој да изникне. Ако предвреме се изгуби забот, соседните заби можат делумно да се поместат кон празниот простор, и да го затворат просторот во кој би требало да никне трајниот заб. Затоа, грижата за млечните заби е подеднакво важна како и грижата за трајните заби.
  •  

 

 

Чистење на забите

Малите деца не се способни сами да ги четкаат своите заби. Како родители, вие мора да го направите тоа наместо нив. Кога детето ќе почне да пишува, се смета дека тоа е периодот кога е доволно зрело за да почне само да ги четка забите. Но, сепак проверувајте ги после секое четкање за да бидете сигурни дека добро ја завршиле работата.

Со чистење на забите може да започнете уте пред да се појават млечните заби. Со тоа се стекнува навика за одржување на устата чиста. Целта е да се “избришат” сите меки делови-гингивата, како и забите доколку се изникнати. Тоа може да го направите на следниов начин:

  • Легнете го вашето дете на удобно место
  • Употребете мека четкичка за заби, или околку прстот завиткајте чиста, малку влажна памучна ткаенина, и исчеткајте ги, односно исчистете ги површините на забите и на гингивата.
  • Не употребувајте паста за заби се додека не се појават забите во устата на детето.

 

Како да ги четкате забите?

Чекор 1:

Држете ја четката под агол од 45 степени во однос на забите. Започнете со четкање на спојот на забот со гингивата, па продолжете во правец на раст на забот.

Чекор 2:

Употребувајте нежни кружни движења. Исчеткајте ја секоја површина на секој заб.  Со силно четкање може да ја повредите гингивата, затоа не треба да се користи притисок и агресивно да се четкаат забите. 

                                     

Каква четка за заби да користите за вашето дете?

  • Најдобро е да се користи мека четка за заби, специјално наменета за детска возраст. Главата на четкичката треба да е мала и заоблена. Редовно менувајте ја четката за заби, односно на секои 3-4 месеци. 

 

 

Каква паста за заби да користите?

  • Задолжително, пастата треба да содржи флуор. Користете само мала количина од пастата и бидете сигурни дека вашето дете ја плука. Доколку почесто голта од пастата, тоа може да резултира со појава на флуороза на забите. Поради тоа, децата до 6 години треба да ги четкаат забите под надзор
  • Децата под 3 годишна возраст треба да ги четкаат забите под надзор на родеител. Употребата на паста со флуор во мала оптимална количина е доволна за да се постигне рамнотежа помеѓу бенефитот од флуорот и ризикот од развој на флуороза.
  • Деца од 3-6 години треба да бидат под надзор на возрасен при четкањето на забите, притоа користејќи мала количина на паста за заби, во големина на зрно грашок.

 

Дали мора да ги четкате забите на вашето дете пред спиење?

  • Да, задолжително е четкањето на забите пред спиење. Ако не се ослободите од бактериите и шеќерите, тие цела ноќ ќе ги нагризуваат забите на вашето дете. Уште една причина е намаленото лачење на плунка во текот на ноќта, па затоа четкањето на заби пред спиење има големо значење.

 

Улогата на храната во развојот на забен кариес во детска возраст

Доколку вашето дете повеќе конзумира храна или напитоци богати со шеќери, бактериитево устата го користат тој шеќер за да создадат кисела средина во устата. Овие киселини го нагризуваат површниот слој на забот – забната глеѓ и може да додје до појава на кариозни кавитети на забот.

Штетата која ја предизвикуваат шеќерите зависи од тоа колкава количина на шеќер се внесува и колку долго останува во устата.

Секаков вид на шеќер предизвикува појава на кариес, без разлика дали е рафиниран или е природен како што е шеќерот во млекото.

Ако вашето дете си легне во кревет со шише млеко во устата, млекото останува во усната празнина подолго време. Затоа, подобро е пред легнување да се даде незасладен сок или чај. Најдобар пијалак помеѓу два оброка секогаш е водата.  Да напоменеме дека природните скови исто така содржат шеќери. Доколку детето меѓу оброци постојано пие сокови или јаде храна богата со шеќери, забите се налепуваат со шеќери постојано и можноста за настанок на кариес многу се зголемува.

 Вашата задача како родител е да ги чистите забите на вашето дете редовно, а не да престанете да му давате на детето слатки, млеко или сокови. Сепак, исхраната е важна за правилен раст и развој на целиот организам.

Читајте ги етикетите на производите храна кои ги купувате. Според законот, секоја состојка е запишана според тежинскиот сооднос. Затоа, ако шеќерите се први на списокот на состојки значи дека таа храна содржи шеќер како главна состојка.

Децата најчесто сакаат да грицкаат храна и чоколади помеѓу оброците. Бидејќи тоа не може да се избегне, еве неколку совети за да се намали штетниот ефект на шеќерот врз забите:

  • Ограничете го бројот на слатки пијалаци  дневно. Подобро е еднаш во денот да да испие една чаша сок, одколку цел ден да седи со шише сок во уста. На тој начин забите постојано се обложени со шеќери.  Затоа, водата е најдобар пијалак помеѓу два оброка. Незасладени чаеви исто така се добар избор.
  • Храна богата со шеќери, која останува во устата подолго време има големо кариогено дејство.  Затоа, избегнувајте на детето да му давате лижавчиња, мастики со шеќер, тврди бомбони, гумени бомбони, карамели и други слатки кои се лепливи и се заглавуваат во фисурите на забите. 
  • Доколку му давате слатки, најдобро е тоа да го направите веднаш по оброк, затоа што тогаш е најголемо количеството на излачена плунка, која врши самочистење на усната празнина. 

 

         Раст и развој на млечните заби

Mлечните заби се вкупно 20 на број. Нивниот раст завршува до 2-3 година од животот. На табелата е возраста на никнување на секој заб. 

Доколку на вашето дете му никнуваат забите и ви изгледа како да има болка, може да му помогнете со тоа што ќе ја масирате гингивата на местот каде што треба а никне забот со чист прст, или со задната страна на мала лажичка, оладена во фрижидер.

Никако не смеете да користите лекови за болка кои се премачкуваат и делуваат локално. Вашето дете е мало и може да ги голтне.

Доколку има температура, обратете се кај вашиот општ лекар. Никнувањето на забите не ги разболува децата и не предизвикува температура.

 

Раст и развој на трајните заби

На 6 годишна возраст никнува првиот траен заб во устата - првиот траен молар. Тие се локализирани позади забниот низ на млечни заби, односно позади вториот млечен молар.  во овој период започнува ресорпцијата на корените на преостанатите млечни заби, со што тие почнуваат да се клатат, за по одреден време да дојде до нивна смена. Млечните заби комплетно се менуваат до 12тата година.

Млечниот заб треба да се извади кога ќе почне повеќе да се клати(ниша), а никако не смее да се вади со употреба на сила, пред време. Доколку забот се извади точно на време, ќе има и помало крварење.

 

Зашто трајните заби се пожолти од млечните?

Нормално е трајните заби да се со пожолта боја од млечните заби. Но, во некои случаи промената на бојата и структурата на забот може да се должи и на медикаменти кои вашето дете ги користело, прекумерна употреба на флуориди, или пак удар - траума на млечниот заб, што може да резултира со оштетување на зачетокот на трајниот заб, а со тоа и промена на бојата и структурата на забот.

Воспаление на гингивата - гингивит

Кариесот е најчест проблем кај забите во детска возраст. Но, децата можат да добијат и воспаление на гингивата - гингивит,  исто како и возрасните. Ова се случува кога гингивата која се наоѓа околу забите е инфицирана, како резултат на акумулирање на поголеми количини на забен плак, кој е резултат на лоша орална хигиена.

Затоа, редовно четкање и употреба на забен конец може да ја спречи оваа појава. Доколку гингивата на вашето дете крвари, не престанувајте со четкање. Но, доколку забележите и покрај редовното  одржување на орална хигиена гингивата повторно крвари или пак е отечена, конуслтирајте се со стоматолог.

 

Кариес во детска возраст- циркуларен кариес

Штом се појават забите во устата на детето, веднаш стануваат подложни на кариес, како резултат на конумирање на храна богата со шеќери.Мајчиното млеко, кравјото млеко и соковите - сите тие содржат шеќери кои имаат кариоген потенцијал.

Малите деца многу често добиваат циркуларен кариес, како резултат на лошата навика да си легнат во ревет со шише млеко, сок или засладен чај.  Честото доење во текот на ноќта значи дека забите на вашето дете редовно се натопуваат во шеќери. Но, и покрај тоа, поголемиот дел од децата кои биле доени немале проблем со циркуларен кариес.

Циркуларниот кариес најчесто настанува до 4тата година од животот. Доколку и вашето дете има циркуларен кариес, од голема важност е навреме да го детектирате. Еднаш месечно проверете му ги забите, забележете дали има бели флеки или линии на забите. Овие флеки најчесто се лоцирани во вратниот дел на забот - во близина на гингивата. Темни - црни флеки на забоите се исто така знак дека вашето дете има кариес.

Доколку забележите некои од тие знаци, веднаш посетете стоматолог. Кариесот во раното детство мора да биде детектиран и лекуван навреме. Во спротивно, може да се јави инфекција и болка.

Доколку на вашето дете сте му давале шише со млеко или сок, да се престанете со таа лошанавика може да биде навистина тешко.  Еве неколку корисни совети:

  • наместо сок или млеко, ставете обична вода во шишето
  • доколку детето ја одбие водата, дадете му чиста цуцла или гумена играчка
  • доколку и тоа не помогне, обидете се да го разредувате млекото, односно сокот во тек на една недела или две, со тоа што на крајот на втората недела во шишето да остане само чиста вода.
  • Флуорот и вашето дете

    Флуорот е минерал кој се наоѓа во почвата, водата (слатка и солена) и во голем број хранливи продукти. Има позитивен ефект на оралното здравје со тоа што ги прави забите поотпорни на кариес. 

    Во одредени заедници флуорот се користи како превентина мерка за јавно здравје, преку флуоризација на водата за пиење на оптимално ниво; таблети со флуор употреба на пасти за заби со флуор, течности за плакнење на устата, како и препарати со флуор за професионална употреба во вид на течности и гелови.

    Сепак, пред да се почне со употреба на флуор, треба да се земат во предвид сите извори на флуор кои се користат моментално, затоа што флуорот иако е важен и ги прави забите поотпорни од кариес, големи количини на флуор може да доведат до појава наречена флуороза, која исто така како и недостатокот од флуор има негативни ефекти врз забите. Но, сепак контролирана употреба на флуор е најважна превентивна мерка за одржување на оралното здравје. После направениот преглед на стоматолог, тој ќе го процени ризикот за развој на кариес и количината на флуор што треба да се употребува.

     

    Цуцли и цицање на прст како лоши навики

    Цицањето на цуцла и прст/палец? се нормални навики во првите месеци од животот, затоа што тоа им помага на бебињата да се опуштат.

    Кога вашето дете ќе наполни две-три години таа навика треба постепено да се губи. Доколку забележите дека сеуште ја има навиката за цицање, во тој случај подобро е да му дадете цуцла лажливка, затоа што може да контролирате кога ќе му ја давате цуцлата,за разлика од цицањето на палец.

    никогаш не ставајте шеќер или мед на цуцлата.Тоа може да предизвика кариес. Најдобро е вашето дете комплетно да ја остави цуцлата/цицањето на палец пред да се појават трајните заби во устата, околу пет годишна возраст.  Во спротивно, може да се јават проблеми во развојот и растот на забите и вилиците.

  •  

        Превентивно залевање на фисури

    Залевањето на фисури е одличен превентивен третман за спречување на појавата на забен кариес.

    Колку и да ги четкате забите на вашите најмили, џвакалната површина на забите е предилекционо место за развој на забен кариес. Имајќи го во предвид овој факт, залевањето (запечатувањето) на овие површини е најдобрата превенција на кариес.

    За да се залее забот, потребно е да е здрав. Затоа, залевањето е препорачливо да се изврши веднаш по неговото никнување во усната празнина.

    Која е разликата помеѓу залевање на заби и пломбирање?

    Кога има кариес на забот, мора да се отстрани кариесот механички и да се направи кавитет – вдлабнатина на забот, која потоа се исполнува со соодветен материјал – пломба.За разлика од пломбирањето, за залевање на фисури забот само се четка со специјална четкичка и паста за полирање, по што се нанесува соодветен материјал – залевач. Притоа да напоменеме дека овој процес на залевање на фисури е апсолутно безболен.