Зошто е важно оралното здравје

Повеќето луѓе не трошат премногу време размислувајќи за нивното орално здравје се додека не се појави проблем. Кога ќе се појави забна болка или оштетување, посакувате точни информации за состојбата и тоа што побрзо. Но, доброто орално образование не е само за итни случаи.

Во продолжение следуваат најважните информации поврзани со оралното здравје.

Оралното здравје не влијае само на забите и на непцата. Оралното здравје, исто така, влијае на здравјето на целото тело. Тековните проблеми со забите може значително да влијаат врз квалитетот на вашиот живот.

Проблемите со забите многу често се одразуваат на зборувањето, јадењето и пиењето. Воедно, кариесот и другите заболувања на устата можат да предизвикаат постојана болка. Исто така, жолтите заби многу често знаат да влијаат на самодовербата кај луѓето.

За жал, некои стоматолошки проблеми може да доведат до сериозни компликации. Оралните бактерии од устата можат да влезат во крвотокот. Овие бактерии можат да придонесат за срцеви заболувања, затнати артерии и други кардиоваскуларни проблеми.

Кога треба да започне едукацијата за важноста на оралното здравје?

Околу 20% од децата на возраст од 5 до 11 години имаат најмалку еден кариозен заб. Добрата вест е дека, кога здравите орално- хигиенски навики се формираат рано, придобивката да се спречи кариесот може да трае доживотно.

Децата на возраст под 6 години може да ги мијат своите заби под надзор на возрасен. Децата не треба да користат премногу паста за заби. Количински е потребно паста колку зрно грашок. Исто така, многу е важно родителите да внимават дали детето ја исплукува пастата за заби и да се внимава да не ја голта.

Закажете ја првата стоматолошка посета на вашето дете на возраст од 1 до 2 години. Редовните посети ќе помогнат вашето дете да научи да се чувствува удобно во стоматолошката ординација. При тие посети, освен запознавањето, детето правилно ќе се обучи да ги четка своите заби.

Кои се основите на оралното здравје?

Четкање, чистење со забен конец и редовни проверки на забите се трите столба на долготрајното здравје на забите.

Кога четкате, следете го правилото "два и два". Мијте ги забите во времетраење од две минути, најмалку два пати дневно - еднаш наутро, кога ќе се разбудите, а потоа пред да одите во кревет во текот на ноќта. Идеално е, доколку сте во можност, да ги миете забите после секој оброк, но правилото на “два и два” е задолжителен минимум.

Менувајте ја четката за заби на секои три месеци. Деформираните влакна на четката не можат убаво да ги исчистат остатоците од храната. Воедно, по околу три месеци, бактериите значително ќе се имаат намножено на четката за заби.

Чистете со забен конец најмалку еднаш дневно. Секогаш чистете со конец после темелно четкање, со цел да не дојде до втиснување на заостаната храна под непцето. Бактериите се собираат околу забите секој ден. Чистењето на забите помага да се разбијат насобраните бактерии и да се спречи формирањето на бактериски колонии.

 

Кога треба да посетите стоматолог?

Како општо правило, посетете го вашиот стоматолог на секои шест месеци. Ова ќе му даде на вашиот стоматолог можност да ја процени вашата моментална стоматолошка здравствена состојба. Во зависност од вашиот севкупен ризик од кариес и други орални заболувања, стоматологот ќе препорача дали има потреба од почести контроли во текот на годината.

Вашиот стоматолог, исто така, може да ве упати кај специјалисти во одредени области доколку за истото има потреба. Доколку вие или вашето дете имате неправилно поставени заби или неправилен загриз, најдобро е да се конслултирате со специјалист ортодонт кој ќе ви посочи кој е најсоодветниот начин за решавање на вашиот проблем.