Како да ја одберете правилната паста за заби?

На пазарот постојат најразлични пасти, познати и непознати брендови создраваат пасти за заби за различни намени, со различни вкусови... Сигурно се прашувате, која е соодветната за вас? Дали и колку е важен изборот на правилна паста за заби?

Четката и пастата за заби се неразделив пар одговорни за основната орална хигиена и го одржуваат стабилно оралното здравје.

Четката механички ги отстранува наслагите, додека пак пастата помага во елиминирање на штетните бактерии од устата и дава пријатен мирис на здивот. Воедно, благодарение на флуорот во пастата, таа помага и во превенција на настанување на кариес.

Потребно е да се нанесе паста во мала количина, колку зрно грашок, додека кај малите деца е сосема доволна количина колку зрно ориз. Изборот на пастата зависи од вас и вашите барања, вашата здравствена состојба како и од препораката на вашиот стоматолог.

Кои видови на пасти постојат?

Постојат 4 главни групи на пасти

  1. Универзални пасти кои содржат флуор
  2. Пасти за чувствителни заби
  3. Пасти за избелување на забите
  4. Пасти за пародонтолошки проблеми

 

  1. Пасти кои содржат флуор

Овие пасти се најчесто присутни во продажба. Се работи за универзални пасти за заби кои се со соодветна концентрација на флуор наменети за секојдневна употреба.

  1. Пасти за чувствителни заби

Многумина имаат чувствителни заби, особено на топло и ладно. Чувствителноста знае да премине во болка, а доколку не се делува на нејзино лекување може да предизвика проблеми со забите. Доколку имате чувствителни заби, веднаш посетете го својот стоматолог, се со цел да се детектира причината за појавата на оваа состојба. Пастите на база на флуор и калциум се најсоодветни за чувствителноста. Тие создаваат заштитен слој на површината на забите, кој го штити нервот на забот од надворешните влијанија.

  1. Пасти за избелување на забите

Постојат повеќе подвидови на овој вид пасти. Некои се на база на сода бикарбона, која делува преку отстранување на надворешните пигментации, но некои од нив поседуваат и појаки хемикалии. Доколку подолг временски период користите ваков вид паста, некои од нивните состојки (како што се водороден пероксид или калциум пероксид) можат да ја оштетат забната глеѓ. Тоа може да резултира со преосетливост на забите.

Сепак, и покрај нивната намена, пастите за избелување не секогаш може да го дадат посакуваниот ефект на бели заби. Доколку сакате да ги избелите своите заби, советуваме тоа да го прави вашиот стоматолог, со професионални средства во строго контролирани услови. На тој начин резултатите ќе бидат подобри, постабилни а целиот процес за вас побезбеден.

  1. Паста за заби против пародонтални проблеми

Овие пасти се составени од лековити состојки, билни екстракти и минерални соли. Нивна цел е да се намали крварењето на непцата, да се залекуваат раничките, да се намалат штетните бактерии и нивните негативни дејства. Сепак, треба да се напомене, дека пародонтопатијата е хронично иреверзибилно заболување на непцата и истото настанува заради присуството на патогени бактерии кои живеат на забниот плак, забниот камен и во пародонталните џебови. Важно е секојдневно да ги негуваме непцата со благопријатни пасти, но неопходна е професионална грижа од страна на стоматолог. Таа опфаќа редовни прегледи и темелни чистења на забите, патодонтолошки третмани и други процедури доколку се потребни.

На што да се посвети внимание при избор на паста за заби?

Пастата која ќе ја одберете, советуваме да има флуор во составот и да има абразивна моќ, со цел да ги штити заботе од кариес и да успева соодветно да ги отстрани наслагите. Останатите перформаси на пастата зависат од вашите желби и потреби. Сепак, советуваме да се консултирате со вашиот стоматолог пред да се одлучите за соодветна паста. Правиот совет може да ви заштеди време и пари.