Што предизвикува болест на непцата?

Забниот плак е примарна причина за појава на заболување на непцата. Сепак, постојат и други фактори можат да придонесат за пародонтално заболување. Тука спаѓаат:

·        Хормоналните промени, како оние што се случуваат за време на бременоста, пубертетот, менопаузата и месечната менструација. Тие промени ги прават непцата поосетливи, што го олеснува развојот на гингивит.

·        Болестите можат да влијаат на состојбата на непцата. Ова вклучува болести како што се рак или ХИВ кои делуваат на функцијата на имунолошкиот систем. Исто така, дијабетесот влијае на метаболизмот на индивидуата и неговата одбрамбена моќ, па така пациентите со оваа болест се изложени на поголем ризик од развој на инфекции, вклучувајќи ги пародонтопатијата и кариесот.

·        Лековите можат да влијаат на оралното здравје, затоа што некои лекови го намалуваат лачењето на плунка, која што има заштитен ефект на забите и непцата. Некои лекови, како што се лековите за срце и притисок, можат да предизвикаат абнормален раст - хипертрофија на непцата.

·        Лошите навики како пушењето, создава периферна вазоконстрикција на крвните садови и со тоа го отежнува заздравувањето на ткивата.

·        Лошата орална хигиена, како што е нередовното и нетемелното четкање на забите доведува до неизбежно развивање на воспаление на непцата.

·        Семејната историја на забни заболувања може да биде фактор што придонесува за развој на гингивит. Наследниот фактор, како и трансмисија на бактериите меѓу членовите на семејството, може да претставува предиспозиција за развој на овие заболувања.

И покрај многубројните фактори кои влијаат на состојбата на непцата, навременото детектирање на првите знаци на воспаление може да помогнат да се испревенираат заболувањата на непцата. Доколку заболувањето веќе постои, истото со навремени третмани да се стави под контрола, се со цел да се овозможи добро здравје на устата, а со тоа и на целото тело.