+389(0)2/2430-188 | +389(0)70/344-061

Повеќето бремени жени знаат дека за да го одржуваат здравјето на своето неродено бебе не смеат да конзумираат алкохол и цигари и мораат здраво да се исхрануваат. Стоматолозите и гинеколозите се согласни дека покрај овие мерки, идните мајки мора да водат грижа и за своето орално здравје. Една нова студија укажа дека бремените жени со напредната форма на пародонтална болест се во ризик од предвремено пораѓање.

Бебињата кои се родени предвреме се соочуваат со драматично зголемен ризик од церебрална парализа, проблеми со видот и други нарушувања.

Досегашните студии открија дека бремените жени кои страдаат од пародонтопатија  имаат седум пати поголема веројатност да се породат предвреме со бебиња со помала телесна тежина.

Пародонталното заболување започнува со акумулација на плак на забите на кои се множат патогени бактерии. Околу 22% од бремените жени имаат пародонтопатија, која се појавува кога бактериската инфекција помеѓу забите и непцата е причина за олабавувања на нивната врска, повлекување на непцето и коската. Тоа разлабавување создава пародонтален џеб, кој пак, акумулира уште повеќе храна, бројот на бактериите расте, а текот на болеста е се поагресивен.

Препорачуваме, секоја бремена жена да доаѓа на редовни стоматолошки контроли и кај неа да се спроведуваат редовни и навремени чистења на забите и непцата. Негата за оралното здравје, освен од професионален аспект – кај стоматолог, е неопходна да се одржува и во домашни услови.
Забите мора да се четкаат барем два пати дневно, наутро и навечер, доколку се увиди потреба, и се сугерира на трудницата да четка и почесто. Веднаш по четкањето се советува употреба на забен конец и/или интердентални четкички со цел да се доисчистат просторите меѓу забите. Процесот завршува со темелно испирање со течност за плакнење која во својот состав нема алкохол.