+389(0)2/2430-188 | +389(0)70/344-061

Отсекогаш се сметало дека кривите заби и неправилниот загриз се наследни. Тоа е вистина, но за да настанат одредени состојби влијаат повеќе фактори.

Главен фактор е секако генетиката, но средината со која сме опкружени директно влијае на секоја индивидуа. Нашиот изглед го наследуваме од нашите родители, но и од други влијанија наречени надворешни фактори.

Процесите на раст и развој се одвиваат во текот на целото детство и адолесценцијата и истите влијаат на целиот организам, а со тоа и на вилиците и забите.  Секој човек секојдневно е изложен на многу надворешни фактори, има свои навики и функционира на свој начин. Се ова влијае на изгледот на човековиот организам.

Близнаци

Најпретставителен пример за дејството на надворешните фактори се еднојајчаните близнаци, кои и покрај својот идентични генетски карактеристики сепак понекогаш изгледаат различно.

Сличностите пак кај близнаците, покрај тоа што се резултат на идентичниот генетски код кој го поседуваат, се должи и на сличниот животен стил и навики во текот на нивното детство и рана младост.

Што се наследуваме?

Лицевите карактеристики се наследни само 40-60%, што значи дека и кривите заби се само половично наследени.

Го наследуваме и односот помеѓу вилиците, а во некои случаи и нивната големина. Генетски најизразено влијание се има на долната вилица, независно дали е таа мала, голема, понапред или поназад поставена.

Џвакањето како фактор

Се повеќе храната која ја конзумираме е во течна или кашеста форма. Луѓето се помалку џвакаат, особено децата кои конзумираат пасирана или сомелена храна. Намалената џвакална функција допринесува за намален развој и раст на вилиците, тие остануваат со помали димензии и нема место за сместување на сите заби во низата.

Најдобар пример се третите молари односно умниците. Во најголем број од случаите во вилиците нема место за нивно сместување, па остануваат заглавени во коската или никнат во неповолен правец.

 

Вроден недостаток на одредени заби

Новите генерации се почесто немаат никулец на некој заб во вилицата. Пример за тоа е недостатокот од умници, втори премолари или петки и латерални секачи или наречени двојки. Недостатокот на вториот премолар е доста честа појава и со соодветна ортодонтска терапија лесно се затвора тој простор. Недостатокот од латералните секачи или двојки најчесто се решава преку доведување на песјакот на негово место и заоблување на неговиот силно изразен шпиц. Со тоа се замаскирува недостатокот и претставува добро естетско решение.

Претераната грижа на родителите им наштетува на децата

Со цел да им олеснат на своите деца, родителите често пати знаат да им ја сецкаат храната, да ја пасираат или сомелат. Претераната грижа на родителите негативно се пренесува на децата и знае да проградира во опсесивно однесување на родителите. Тоа значи дека се создаваат генерации на размазени деца, со слаби моторни способности, а со тоа и слаба џвакална сила.

Зошто би се развивале лицевите и виличните коски кога истите не се користат во целост, токму тоа допринесе до ортодонтски неправилности кај 80% од децата.

Големина на забите

Малите заби во устата се препознатливи по празните простори меѓу нив и тоа се нарекува состојба на растреситост. Големите заби пак се препознатливи по нивната неправилна поставеност која се нарекува збиеност или тескоба. Секако, положбата на забите зависи и од големината на вилиците. Така на пример, мала вилица во комбинација со големи заби дава силно изразена збиеност, исто како што голема вилица со мали по големина заби дава силно назначена растреситост. Помеѓу овие две крајности нормално постојат многу нијанси и варијации.

Доколку на наброените генетски фактори ги додадеме надворешните фактори, може да се добие цела палета на различни насмевки и изглед на заби.