+389(0)2/2430-188 | +389(0)70/344-061

Секој ден ги четкаме забите, без многу размислување ставаме паста и започнуваме со миењето. Сепак, размислите, дали првин ја промивате четката со вода или директно на сува четка нанесувате паста? Секој има своја рутина, но што е правилно?

Иако многумина сметаат дека е неопходно да се промие четката со цел да се исчисти и омекне пред употреба, ние ви го советуваме сосема спротивното.

Четката не треба да се навлажни пред употреба, бидејќи водата ќе ги направи влакната од нејзината глава полесно свитливи и недоволно ефективни во отстранувањето на наслагите. Влакната треба да се суви за да ја поседуваат цврстината и соодветната острина за да успешно се исчистат забните површини.

Потребно е да се стави мала количина на паста за заби, со големина на зрно грашок (или зрно ориз кај мали деца) и со ред да се исчеткаат забите- прво во горната вилица, потоа во долната, од надворешната страна, преминувајќи на внатрешната, не заборавајќи ја загризната површина на забите.  Не е потребна голема сила при четкањето, напротив со дозиран притисок и кружни движења се поминува преку забите кон непцата, посебно обрнувајќи внимание на нивната граница бидејќи е место на најголема задршка на храна и наслаги.

Штом се заврши со четкање на забите, четката се поставува под силен млаз вода за да се исплакнат остатоците од пастата. Немојте со прсти да ја протривате четката, на тој начин се пренесуваат бактерии од кожата на прстите.

После темелното плакнење, четката се потчукнува од мијалникот за да паднат преостанатите капки вода, со цел да не се задржува влага на вашата четка. Нема потреба четката да покрива со капаче до следната употреба, така би се развиле габички на нејзините влакна заради константната влажност.

И што е најважно, не заборавајте да ја смените вашата четка на секои 3 месеци или после болест или настинка. Секогаш избирајте мека четка со тапи врвови на влакната, така четкањето ќе биде безболно,ефективно и безбедно, како за забите така и за непцата.