+389(0)2/2430-188 | +389(0)70/344-061

Дијабетесот е болест која се дефинира како високо ниво на шеќер во крвта. Ова нарушување на метаболизмот настанува зарад ниското ниво на хормонот инсулин или поради неможноста на организмот да го употреби шеќерот на соодветен начин.

Инсулинот, кој е произведен од панкреасот има за цел да го претвора шеќерот во енергија која ја користат сите клетки во човековиот организам.

Типични симптоми за дијабетес се- зголемено создавање на урина, жед, зголемен внес на течности, заматување на видот, необјаслив губиток на тежина и замор.

Пациентите кои страдаат од дијабетес, мораат да обрнат поголемо внимание на својата орална хигиена затоа што се посклони на создавање на извесни компликации.

Главен проблем кој се појавува во усната празнина кај овие пациенти се инфекциите кои настануваат како резултат на сувоста во устата. Затоа кај дијабетичарите често може да се забележат кариеси на забите, воспаление на непцата и побавно закрепнување после орално-хируршки интервенции.

Кај пациентите со дијабетес, независно дали се работи за тип 1 или тип 2, неопходно е конзумирање на редовни и чести оброци со цел да се одржи стабилност на организмот. Кај овие пациенти е намалено лачењето на плунка, која пак има огромно значење во одбраната на оралното здравје, преку самочистење и неутрализирање на киселата пХ. Поради честите оброци после кои честопати пациентите немаат можност да ги исчеткаат забите, настанува кисела пХ средина во устата. Таа киселост знае да доведе до појава на болести во устата и честа појава на кандидијаза. При појава на кандида во усната празнина, пациентите чувствуваат жарење и печење на усната лигавица. Понекогаш и самата сувост, и без присуство на габична инфекција на устата, знае да даде вакви непријатни сензации.

Намаленото создавање на плунка, доведува до намалена пХ вредност односно до киселост во устата, а со тоа и до создавање на кариеси на забите.  За да се намали ризикот од кариес, се советува на сите пациенти со дијабетес редовно, после секој оброк да ги измијат своите заби и да употребуваат течност за плакнење на устата.

Во домашни услови, пациентите можат и сами да подготват раствор за плакнење кој се состои од 2 децилитри вода и една кафена лажичка сода бикарбона. Овој раствор ке им помогне да се намали киселоста во устата и да се превенира појава на габични инфекции.

Пациентите со дијабетес често пати се засегнати и од пародонтопатија. Причината за ова е слабата периферна циркулација, која оневозможува соодветна “исхрана” на непцата. Поради ова кај дијабетичарите и раните по кожата или слузниците побавно заздравуваат. Затоа на овие пациенти им се советува употреба на меки четки за заби и редовна употреба на конец, додека чепкалките за заби треба целосно да се отфрлат од употреба, поради можноста со нив да се направи повреда на меките ткива.

Пациентите со дијабет мораат редовно да одржуваат одлична орална хигена и редовно да го посетуваат својот стоматолог. Непходни се редовни чистења на забен камен кој е број еден причинител на појава на пародонтопатија. Важно е навремено посетување на стоматолог со цел невремена детекција на кариес или било каков тип на инфекција за да се одржува стабилно севкупното здравје на овие пациенти.