+389(0)2/2430-188 | +389(0)70/344-061

Најголемиот дел од пациентите се јавуваат кај својот стоматолог, дури кога ќе се појави болка. На стоматолог мора да се оди редовно на контрола, погрешно е мислењето дека треба да се појави проблем за да се обратиме за помош. 

Современата стоматологија нуди безболни методи на санирање на сите проблеми со забите. Секако и навременото доаѓање на стоматолог дава побрзи и побезболни резултати, додека одложените проблеми почесто подолгорочно се санираат, ако воопшто и постои можност за нивно санирање.

Советуваме редовни контроли, дури и кога не чувствувате никакви тегоби, на секои 6 месеци. Доколку се воочат некакви промени, истите би биле затекнати во почетна фаза и нивното решавање би било полесно и побрзо.

Во минатото исхраната на луѓето се состоеше од конзумирање на сирова храна, како овошје и зеленчук, џвакање на храна со цврста конзистенција, сиромашна со сложени шеќери. Денешните навики за исхрана се дијаметрално различни од оние во минатото. Се повеќе се конзумира кашеста храна, богата со јаглехидрати. Токму овој нов начин на исхрана даде силни реперкусии по оралното здравје на луѓето.

Што е кариес и што доведува до негово создавање?

Кариесот е најчестото инфективно заболување во усната празнина и подразбира губење на цврстите супстанци од забите кое е предизвикано од бактерии. Тоа е болест и треба да се третира како било која друга болест или промена која би ја забележиле на вашето тело.

Кариесот е резултат на појава на кариогени бактерии, а тие пак се резултат на нашите навики околу хигиената, но и исхраната. Благите пијалоци и храна се најголема причина за појава на кариесот. Современата исхрана со шејкови, смутиња и каши создаде поголем проблем одошто мислиме. Цели генерации заборавија да џвакаат, џвакањето на цврста храна прави правлно да се разавиваат вилиите, но и помага во оттргнувањето на наслагите од забите. Кашестата храна создава налепи на забните површини кои тешко се отстрануваат. Тие наслаги ја нагризуваат глеѓта и неповратно ја оштетуваат. Овие оштетувања потоа зимаат се поголем замав, а дефектот се продлабочува. Многу е индивидуално за колку време ќе се почувствуваат првите тегоби од настанувањето на кариесот, но болката е најчесто знак дека сме задоцниле и дека дефектот е многу длабоко навлезен, близу до забниот нерв.

Затоа, советуваме редовни и навремени контроли. Разгледајте го својот режим на исхрана и вметнете некои промени, како јадење на свежо јаболко или морков, почесто хидрирање на телото со чиста вода, избегнување на слатки, а доколку не можете без нив, направете темелна тоалета веднаш по благиот оброк.