+389(0)2/2430-188 | +389(0)70/344-061

Како што веќе знаеме, за здрави заби неопходно е нивно редновно четкање и тоа најмалку два пати дневно- наутро и навечер. Но, како да знаете дали забите на вашите деца се добро исчеткани?

Забите се мијат наутро веднаш после будење и пред појадокот и навечер, непосредно пред легнување. Миењето навечер е исклучително важно и секако, после четкањето никако не смее да се јаде ништо.

Покрај изборот на соодветна четка за заби и паста за заби, неопходно е да се примени и правилна техника на четкање. За правилно четкање најдобро е да се обратите кај својот стоматолог, тој детално ќе ви објасни како да го правите тоа и воедно ќе ви покаже каде грешите и како да го подобрите вашето четкање.

Според вашите потреби, односно ризикот од кариес или ризикот за развивање болест на непцата, вашиот стоматолог ќе ви даде смерници за одржување на оралната хигена, која е предуслов за спречување на оралните заболувања.

Покрај четките за заби и пастите како основни средства за орална хигиена, постојат и други продукти со кои можете да допринесете за подобра хигиена. Тука спаѓаат забните конци, интерденталните четки и водичките за плакнење  на устата.

Како и по кој редослед се употребуваат сите овие средства најдобро ќе ви посочи вашиот стоматолог.

Се смета дека децата сами не се способни темелно да ги исчистат своите заби и затоа им е потребна вашата помош. Неопходна е вашата контрола над нивното четнање за да се осигурате дека сите забни површини се исчистени.

Децата сакаат да бидат самостални и често пати не дозволуваат да им сугерирате за начинот на кој ги прават нештата. Сепак, како родители ќе пронајдете начин активно да учествувате во учењето на оваа навика. Дозволете им на своите деца самите да ги исчеткаат своите заби, без брзање оставете ги и потоа прегледајте како ја завршиле оваа задача. Потоа вие земете ја нивната четка за заби и дочеткајте ги површините каде заостанале наслаги и храна.

Не заборавајте да го пофалите нивниот труд за да не ги обесхрабрите, но објаснете им дека вашето учество е со цел да се подобри нивното здравје и е за нивно добро. Нормално, потребно е време детето да ја совлада техниката и да го усоврши четкањето, на овој начин секојдневно ќе ја вежба манипулацијата со четката, а истовремено вие ќе бидете сигурни во резултатите.

За да бидете сигурни дека сте на прав пат со учењето правилно да се четка, на пазарот постојат средства кои ги пребојуваат наслагите. Тие се во облик на раствор или на таблетки. Овие средства содржат боја која лесно се врзува за преостанатите наслаги и ги прави лесно воочливи. Се прожабуркува со растворот и остатокот се исплукува, додека таблетките се грицкаат и повторно остатокот не се голта туку само се исплукува.

Овие средства се препорачува да се употребуваат после темелно четкање на забите како показател дали успешно е обавено четкањето. На овој начин на вашето дете ќе му се објасни потребата од четкање и ќе му се помогне да го подобри миењето на своите заби.