+389(0)2/2430-188 | +389(0)70/344-061

Често пати пациентите се жалат на воспаление на непцата. Чувствуваат благ оток и непријатна болка, видливо е црвенило и повлекување на непцата. Повремено или пак секој ден забележуваат крв во плунката, чувствуваат непријатен здив и како постојано нешто да е заглавено меѓу забите.

Ова се типични симптоми за заболувањето на непцата наречено пародонтопатија.

Пародонтопатијата е  дегенеративно заболување на потпорниот апарат на забите. Тоа опфаќа не само непца, туку и виличната коска, цементот и периодонциумот на забите. Сите овие ткива го држат забот цврсто всаден во коската. Ова заболување е најчесто распространето меѓу луѓето секаде во светот.

Промените кои настануваат од оваа болест се деструктивни и крајна цел е расклатување и губење на забите. Иако предоминантно ова заболување го имаат повозрасните пациенти, не е исклучено негово настанување и во млада возраст.

Како настанува пародонтопатијата?

Има неколку фази на развој на оваа болест. Најпрвин се појавува благо воспаление наречено гингивит и истото го афектира само непцето. Тоа е проследено со зголемено наталожувањена наслаги во пределот на вратот на забот. Непцето е црвено и отечено па ласно знае и да се раскрвари.

Доколку навремено се обратите кај својот стоматолог, со помош на темелно чистење на наслагите и соодветна хигиена во домашни услови може да се запре прогресот на оваа состојба. Доколку не се спроведат соодветните чистења на забите, наслагите постепено ќе се минерализираат и ќе преминат во забен камен. Тој пак може да напредува во правец на коренот на забот и со тоа да направи оштетување и влез на бактерии во околните ткива на забот.

Штом се наруши врската помеѓу сите елементи на потпорниот апарат доаѓа до неповратни оштетувања кои резултираат со повлекување на непцето, топење на коската и дестабилизација на забите во нивната чашка. Овие патолошки процеси по извесен период од нивното појавување создаваат пародонтални џебови.

Кога постојат пародонтални џебови во устата кај пациентот, тоа се места на кои најчесто заглавува храна и тешко може да се отстрани. Тоа причинува намножување на бактерии во овие простори, што е проследено со воспаление и гнојни процеси. Непцата го менуваат својот изглед, стануваат виолетови, отечени и крварат. Околу нив се создава голема количина забен камен и тоа дополнително ја влошува состојбата. Доколку не се делува со лекување на оваа состојба таа доведува до расклатување на забите и нивно вадење.

Што доведува до појава на пародонтопатија?

Несоодветната орална хигиена и неотстранувањето на наслагите и забниот камен, а со тоа и елиминација на патогените бактерии, доведува до појавување на воспаленија. Доколку не со посетува стоматолог и не се превземат сите мерки за чистење и лекување на ткивата доведува со појава на оваа болест.

Секако, голем удел има и изборот на храна, соодветната хидратизација на организмот и внесот на витамини, но и општата здравствена состојба која е тесно поврзана со оралното здравје.

Што се влијае врз појавата на пародонтопатијата?

Постојат повеќе штетни фактори кои негативно делуваат, а тоа се-

Џвакањето само на едната страна од вилицата, дишењето на уста, конзумирање на мека кашеста храна, неправилна положба на забите и вилиците, несоодветни протетички изработки, пушење итн.

Дали болеста ги афектира и децата?

Иако во периодот на детството и адолесценцијата е поприсутен гингивитот како заболување на непцата, не е исклучено присуството на пародонтопатија. Често може да се детектира во периодот на пубертетот. Зафатен е 1% од детската популација и се нарекува јувенилна пародонтопатија и нема иста клиничка слика како кај возрасните со пародонтопатија.

Има брз и агресивен тек и може да доведе до губење на забите во рана возраст. Механизмот на настанување не е познат но, се смета дека генетската предиспозиција игра клучна улога.

Лекување

Лекувањето на оваа болест се спроведува на два начини- конзервативно и хируршки.

Конзервативниот пристап се сведува на елиминација на воспалението преку отсртанување на наслагите и забнот камен, обука и мотивација на пациентот за одржување на о. хигиена, делување на пародонталните џебови преку нивно редовно чистење и испирање, соодветна протетичка или ортодонтска терапија зависно од индикациите кај пациентот и секако навремени контроли. Контролите се најважни за навремено детектирање на проблемот, а по терапијата- за евалуација на постигнатиот успех.